BLACK FRIDAY SALE … Сите знаете што значи, како започнал, што може да се очекува од овој викенд, колку гужва не очекува во наредните денови, како сите ќе ни раскажуваат што си купиле на огромниот попуст, како цените реално не се на попуст итн…
За разлика од стандарнитe BLACK FRIDAY акции кои ќе го преплават просторот оваа година, ние во URMA решивме да направиме малку поинаква акција. Оваа година ќе го искористиме Black Friday и Cyber Monday лудилото за да им дадеме уште поголема важност на локалните креативци кои во создавањето на своите производи користат идеи, време и енергија. Сакаме да го насочиме вниманието на сите кои се дел од нашиот Универзум кон локалните брендови и нивните рачни изработки со тоа што ќе им го доближиме процесот на создавање на парчињата.
Им благодариме на сите наши соработници кои се приклучија во оваа акција. <3
P.S – Немојте да чекате попусти за да купувате од локалните брендови и да поддржите мал бизнис <3
- Марта од M Art Gallery
“ Ултра виолетовата боја е модна инспирација оваа сезона. Нијансите на лаванда се женствени, неодоливи, моќни и префинети во исто време. Инспирирана од длабочините на универзумот, виолетовата боја предизвикува кај мене спиритуално уметничко доживување.
Процесот на создавање на ова парче накит трае нешто повеќе од осум часа. Најпрво се сече подлогата од транспарентно стакло, потоа се става опалното стакло во боја, а помеѓу е филцот кој не дозволува да се залепат двете стакла при процесот на печење. Одозгора завршувам со мојот препознатлив стил од мали стакленца во бронзена прашина кои асоцираат на едно мало соѕвездие. Ова дизајнерско парче накит до крајната фаза се пече на 850 степени – осум часа, по што се добива финален стаклен производ од фузирано стакло. “
- Ана од НЕЖНО
“ За создавање на накитот од Нежно се инспирирам од различни работи во секојдневието. Главната инспирација ја наоѓам во природатa која изобилува со најразлични комбинации на бои. Процесот на создавање на едно парче накит започнува со изборот на бои. Истиот тој претсавува база за следниот чекоr, односно креирање на дизајнот, големина на накиот и создавање на уникатни шари. Времето за изработката на едно парче накит најчесто варира. Ова се должи на процесот на пробување повеќе идеи во однос на боја, форма, големина, и финално испробување на готовиот произвов. Најчесто овој процес може да трае помеѓу една и три недели. “
- Марија од PURA PERLA
“ Главна инспирација да почнеме со производство на природна козметика беше токму љубовта и грижата кон природата, како и грижата и правилната нега на кожата. Нашиот бренд се основа врз неколку принципи како: правилна нега на кожа со т.н. чисти производи кои нема да го нарушат нашето здравје, нема да ја загадат животната средина во која живееме и нема да тестрираме на животни.
Како прва задача во процесот на производство на овој производ, како и за сите други, беше создавање на точна и правилна формулација со цел производот да биде максимално корисен при негата на кожа. Веднаш потоа, селекцијата на суровините потребни за негова изработка и одредување на нивни сооднос. Потоа следи период на тестирање и одредување на правилни параметри, за на крај, после неколкумесечна анализа да влезе во фазата на продажба. Ни беше потребна точно една година да го добиеме крајниот резултат, од добивањето на самата идеја да го имаме овој производ во нашата палета до неговата финална верзија. Glowy Skin серумот е изработен од високо квалитетни растителни масла кои служат за длабока хидратација на кожата, како на пример јојоба маслото и маслото од див цвет од ружа. Составот го збогативме и со витамини како витаминот Е и витаминот А ( ретинол ), како и калмант за смирување на иритации како што е лавандата. Со текот на времето овој серум стана наш бестселер и заштитен знак на нас како бренд. “
- Ивана од YANK
“ Пепито дезенот го обожавам! Воедно ме инспирираше трендот на мини чанти иведнаш имав идеја како да прилагодам модел што е во стилот на YANК.
Најпрвин, како за оваа така и за сите останати чанти, потребно е скицирање, замислување на чантата. Потоа следи мерење, изработување на прецизен шаблон и прототип. Кога ќе се финализира шаблонот и прототипот, се изработува конечен модел со сите замислени детали.Точен временски период не би можела да одредам бидејќи креативната работа и рачната изработка бара многу концентрација, точност и не секогаш може да се знае кога ќе се поклопат сите ситници. Отприлика би кажала две-три недели од идеја до реализација. Чантата е изработена од густо ткаен штоф, внатрешно поткрепен со водоотпорен сунѓер и кепер сатен постава. “
- Стефи од Indoor Garden
“ Корените на Индоор Гарден лежат во првите изработени градини – Мини Зен градините. Инспирацијата за нивното создавање се класичните Зен градини кои се создадени во храмовите на Зен будизмот во Кјотo. Тие се наменети да ја имитираат природата и служат како помош за медитација. Цртањето на бранови во песокот се практикува за подобрување на концентрацијата и смирување на умот. Варијациите на линиите во песокот се креативен и инспиративен предизвик. Колекцииите растат и се разгрануваат во развој на други форми на садови за растенија, а инспирацијата за секој од нив несомнено потекнува од флората, одржливоста, целиот концепт на циркуларна економија, светскиот проблем со загадувањето и потребата за делување во корелација со животната средина и потребата за внесување на дел од природата во ентериерот. Секое содавање на нова тура на саксии го поврзуваме со ичи-го ичи-е што согласно јапонската филозофија нè поттикнува да ја цениме природата на секој сегашен момент бидејќи истиот нема да се повтори на ист начин. Иако материјалите се истите, опкружувањето и друштвото во текот на процесот секогаш нуди нешто што е поразлично од само едно рутинско производство. За голема среќа изворот на идеи не пресушува и не е особено долг, но реализацијата зависи од годишното време, а со оглед на тоа што станува збор за рачно производство, најчесто е неколку недели. “
- Надица од KREACIJA JEWELRY
“Rosetta necklace) е дел од колекцијата “Златен век”, инспирирана од музејската збирка “Златна соба” изложена во Куќата на Робевци -Охрид .
Ланчето е изработено од полимерна глина и фолија во златна боја истото е достапен и со 24К златна фолија. Секогаш прво подготвувам комплетно модно досие, од наслов до mood board и технички скици, а потоа го изработувам накитот, кој исто така , има повеќе етапи во процесот на изработка, од моделирање на глината , до крајниот изглед на производот. Создавањето е процес кој вклучува повеќе фази, па тешко е да се каже за колкав временски период ќе го имаме крајниот производ.”
- Вера од PINC PARTYWEAR
“ За ова парче а и сите други се инспирираме од ноќниот живот, од потребата да блескаш дури си во диско, и да се чувствуваш себеси дури играш на подиум. Боа топот e едно од best-selling парчињата. Има многу едноставен дизајн – предниот дел е направен од сатен, а преку грбот се врзува во Х.
Првиот дизајн на овој топ го направивме во 2018 година. Процесот на изработка почна со дизајнот, потоа одбравме свилен сатен, кој го скроивме и сошивме рачно на машина, со што се добиме sample piece. Oвој sample piece го облековме, односно го носевме (со саати) на различни пригоди за да видиме како се однесува на тело. После тоа го исправме рачно за да видиме како реагира на вода и детергенти. Сите недостатоци се поправаат и се изработува вториот sample piece кој поминува низ истиот процес на проба. Ова се повторува се додадека не сме тотално задоволни со кројот. Боа топот имаше три sample pieces, а некои парчиња имаат и пет-шест. Процесот на пробување повеќе sample pieces траеше неколку недели. Откако го добивме финалниот крој изработката на едно парче трае околу 3 часа. “
- Лили од Le Brand Studio
“ Кошулата е изработена од пуплин,памучен материјал наменет воглавно за изработка на кошули.
“Б У К В И” e новата колекција на Le Brand Studio,инспирирана од прекрасните стихови во македонската поезија. Белите кошули се форма преку која македонските поети прераскажале многу животни приказни,како таа на Ленка,Везилката…. Ние преку нашите бели кошули со отпечатени стихови од три македонски песни ви ја пренесуваме љубовта исткаена од букви и преточена во зборови кои одекнуваат силно со истата моќ, како ехо низ времето и просторот до денес. На почеток во Le Brand Studio,јас и мојот тим,имавме голема дилема со кои песни и автори да се изработи колекцијата. Кога ги одбравме песните,ја направивме графичката подготовка, а моделот на кошулата беше веќе спремен. Се направи прототип со една од песните, ни се допадна и продолживме со изработка на останатите три. Идејата ја имав подолго време,но од моментот од кој почнав да работам на концептот до прототипот може да се каже дека реализацијата се случи за релативно кратко. “
- Мирјана од Mirjana Josifoska
Шапката Анита е дел од колекцијата на шапки “The Seven”, инспирирана од фотографиите на Хелмут Њутн. Секоја шапка е инспириана, дизајнирана и именувана по седум жени кои Њутн ги има сликано. Оваа шапка – Anita е инспирирана и именувана по Анита Екберг.
Процесот на создавање на оваа шапка, но воедно и на сите шапки во колекцијата е следниот: првично се цртаат скици според инспирацијата од кои се создава финална илустрација и технички цртеж. После тоа, врз основа на техничкиот цртеж се изработува шаблон. Со помош на шаблонот се изработува прототип од муслин со цел да се види дали шаблонот одговара на замислениот дизајн. Ако формата и дизајнот е во ред, се изработува финален прототип од финалниот материјал. Ако се е во ред, моделот се испраќа во производство. Од идеја до реализација на оваа шапка беа потребни 2 до 3 недели.
- Христијан од ANISIN WOODWORKS
“ Главната иснпирација беше потребата од естетско уредување на индивидуален канцелариски простор со главна идеја минималистичко решение за осветлување на работната маса, кое естетски ќе го надопони и оформи амбиентот.Во основа на дизајнирањето и креирањето на оваа лампа како и сите останати продукти, кои за нас како тим пред се се повеќе од предмети туку начин на размислување и изразување, е пасијата кон геометријата и геометриско решавање на продуктот и просторот, естетиката која произлегува од едноставноста и амбиентот кој го носи рачно обработеното дрво. Процесот како и секогаш започнува со графичко претставување на идејата, разработка на скици и цртежи во насока на решавање на предизвикот со димензии и оформување и дизајнирање на потребните детали. Овој процес е најпредизвикувачки и најкреативен бидејќи бара разработка на секоја фаза од реализацијата на идејата,а при тоа се преклопува со моментот на конципирање на самата идеја.Со дефинирањето на неопходните детали се пристапува кон селекција и одбирање на материјал со што започнува материјализацијата на идејата. Предизвикот за изработка на тродимензионални геометриски форми и детали е круцијален во оваа фаза бидејќи секој пат станува збор за нестандардни детали кои претходно не се изработувани. Потребна е голема доза креативност, интуитивност во работата, чувство за материјалот и многупати импровизација за да се реализира идејата. Интересно за оваа лампа е моментот дека скицата овој пат во текот на работата беше целокупно изменета и финалниот продукт излезе многу поуникатен и стилски решен од почетната графички претставена идеја. Два дена за графичко осмислување на идејата.Четири дена за материјализација на истата. Геметриското решавање на продуктот и неговото графичко претставување обично одзема голем дел од времето. Во оваа фаза се дефинираат сите детали, се димензионираат елементите и начинот на составување, а сето тоа мора да биде адаптирано и конципирано да може да се изработи рачно кое всушност е главниот двигател на целата наша работа.Со цел постигнување на добар резултат секоја фаза од процесот мора да биде извршена со максимална посветеност и запазување на постапките од самиот старт до финалната обработка на продуктот. “