Баш на време пред празниците Нане ни подготви еден супер брз рецепт кој во исто време е и здрав и одличен за овој период од годината кога сакаме да внимаваме на исхраната. Њоки (ги обожаваме) овој пат во „здрава“ варијанта во која се користи сладок компир наместо обичен компир, како и путер и жалфија за супер шмек и мирис. Уживајте!
Њоки од сладок компир со карамелизиран путер и жалфија
Овие состојки се за две порции.
За њоките:
- 1 среден сладок компир
- 1 cup паста брашно
- 1 лажиче сол
За сосот:
- 60г путер
- 8 ливчиња жалфија
- 50г пармезан
- 3 чешниња лук
- 1 лажица балсамик крема
- Сол и црн бибер
Слаткиот компир убаво се измива, се боцка со вилушка на неколку места и се става во загреана рерна на 200 степени, околу 1 час. Кога ќе се олади се лупи и гмечи со вилушка.
На работна површина се става брашното, претходно измешано со сол и се прави круг. Во средина се става оладениот компир и се меси глатко тесто.
Топчето се дели на четири дела и секој се растегнува во форма на змија.
Се сечат њоките со нож. Може да ги оставите така како перничиња, а може и да им направите вдлабнатини со вилушка.
Во меѓувреме ставаме вода со сол да врие, па ги ставаме подготвените њоки. Готови се кога ќе почнат да испливуваат на површина, обично за само неколку минути. Извадете ги на цедалка, дел од водата во која се вареа ќе искористиме за сосот.
Во тавче ставаме да се стопи путерот, додека не добие убава карамел боја. Внимавајте да не изгори путерот. За ова е најдобро ако имате тавче со посветла боја, за да ја следите промената на бојата. Ставете ја жалфијата кратко да се запржи, па извадете ја.
Ставете ги њоките, да фатат убава коричка, па пред крај додадете го ситно исецканото лукче, пармезан, балсамико и малку од водата во која се вареа.
Послужете со крцкавата жалфија и уште пармезан.