Теона Манго ја запознавме како лик пред три години, службено. Тогаш немавме прилика подобро да се запознаеме бидејќи таа беше на кратка посета во Македонија. Сега откако соработуваме со Теона, може да кажеме дека ни е навистина многу жал што не сме ја запознале порано. Исклучително позитивна девојка која е многу посветена на сѐ што прави и вистински пример за сите млади девојки кои сакаат да остават било каков печат во ова општество.
Теона има дипломирано политика и меѓународни односи на универзитетот „Квин Мери“ во Лондон, а моментално целосно е посветена на работа како инфлуенсер и креатор на содржина, како и на нејзиниот еко-френдли бренд Beyond Green. Родена е и израсната во Битола, а моментално живее на релација Њујорк-Лондон-Скопје.
Теона, за оние кои сѐ уште не ја слушнале твојата приказна, раскажи ни накратко што е Beyond Green и како дојде до идеја да го основаш?
Beyond Green е еден од првите еко-френдли и одржливи брендови во Македонија, кој нуди еко-алтернативи за производи за секојдневна употреба, кои не ја загадуваат животната околина. Поради пандемијата во 2020 година се вратив од Лондон во Македонија и некако цело тоа време поминато дома ме инспирираше да започнам сопствен бизнис. Размислував долго што да биде тоа и на крај се одлучив да започнам еко-френдли и одржлив бренд, бидејќи увидов дека на нашиот пазар ретко се наоѓаат еко и оддржливи производи. Дополнително бев поттикната и од еко-анксиозноста и стравот за тоа што носи иднината. Секојдневно гледаме и читаме за тоа како ние луѓето ја уништуваме планетатата Земја и сѐ почесто и почесто ги гледаме последиците.
Живееме во општество во кое, за жал, одржливоста и заштитата на животната средина не се приоритети. Дали ова ти претставува дополнителен мотив да го градиш и развиваш твојот бренд баш на овие простори ?
Како што кажав и претходно, ова беше една од најголемите причини да го започнам Beyond Green токму тука, со цел да се зголеми свеста за важноста да целиме кон по еко и оддржлив начин на живот, но исто така и да се едуцираме за тоа што значи да се живее еко и одржливо.
Може ли да се купат производите на Beyond Green надвор од нашиот пазар и дали можеби на другите пазари има повеќе интерес за истите?
Beyond Green од минатиот ноември има достава низ целиот свет. Досега производите на Beyond Green биле испратени во САД, Франција, Шпанија, Полска, Данска, Велика Британија и Албанија. Среќна сум што за производите на Beyond Green има интерес и надвор од Македонија. Сепак, моментално најголемиот дел од продажба е сѐ уште во Македонија.
Многу години пред да го основаш Beyond Green го започна твојот блог Teona’s Wanderlust. Дали би ни кажала искрено што те прави посреќена и поисполнета, работата на блогот или на новиот бренд? 😊
Искрено, тешко ми е да изберам која работа ми е поомилена. И Beyond Green и Teona’s Wonderlust ги гледам како две мои бебиња, така што не би можела да изберам една.
Твојот блог опфаќа многу интересни содржини, но ние највеќе сакаме да читаме за твоите патувања. Кое ти е омиленото место што си го посетила и зошто баш тоа би го издвоила како омилено? 😊
Како омилено место, без да размислам многу ќе кажам Токио. Ми беше најголема желба да ја посетам Јапонија и воопшто не ме разочара. Со нетрпение чекам да ги отворат границите за туристи и повторно да се вратам.
Твојата skincare рутина ?
Ох, од каде да почнам… Mиење на лице со гел (навечер обавезно двојно чистење), пилинг (хемиски или физички 2-3 пати неделно), тонер или face mist, серум (ги менувам во зависност од што во тој момент му треба на лицето), крема за околу очи, spot treatment доколку имам некоја акна in the making, крема за лице и маска за усни.
Твоите selfcare моменти ?
Во зависност од расположението и денот се менуваат и моите selfcare моменти, но најчесто омилени ми се: шолја чај и добра книга, долга прошетка со моето куче Ото, тинтрање на лицето, телото и косата со различни пилинзи, маски, третмани и куп други препарати, купување на букет свежо цвеќе.
Која е твојата најдрага соработка како блогер и инфлуенсер и со кој бренд имаш желба да оставариш соработка во иднина ?
Најдрага соработка до сега ми била со MAC Cosmetics US. Првиот кармин што го купив во мојот живот беше MAC и можноста да соработувам со нив ми беше pinch me moment. Dream бренд за соработка моментално ми е Attire the Studio, еко френдли и оддржлив бренд од кој сакам да ги имам сите парчиња во плакарот.
На твојот Instagram профил споделуваш и листа на книги кои ги препорачуваш да се прочитаат. Омилена ?
„Малиот Принц“ од Антоан де Сент-Егзипери.
Во моментов живееш и работиш во Њујорк. Сите сонуваме да живееме во Њујорк, но сме свесни дека е голем предизвик да опстоиш во толку голем и брз град. Дали би ни кажала како ти го доживуваш градот, каков е твојот живот таму и дали би останала засекогаш? 😊
Долго време мислев дека ниедно место не може да го замени мојот Лондон, но некако после неколку месеци живеење во Њујорк можам да кажам дека Њујорк ми станува исто толку драг како и Лондон. Градот што никогаш не спие е навистина посебен и е тип на град кој или го сакаш или го мразиш. Јас сум од тие првите, хаха. Градот има посебен шарм и вајб, самото присуство таму ме инспирира и мотивира. Животот таму ми е доста брз и динамичен, некако тоа брзо темпо на живот моментално многу ми одговара и мислам дека Њујорк е одлично место за живеење во текот на 20-тите години. Не би можела да одговорам дали би останала засекогаш, но се гледам себеси како живеам во Њујорк во наредните неколку години.
Што би им кажала на младите девојки кои сонуваат да основаат свои бизниси ?
Изгледа страшно и до некој степен е, но доколку е нешто што навистина ве исполнува и имате страст за тоа вреди да се започне и да се инвестирате целосно во истото.