URMA GIRLS: МАРТА ОД M ART GALLERY

Кога започнавме да работиме интензивно на концептот на URMA и бевме пуштени во “лов” на локални дизајнерски брендови, една наша блиска соработничка ни ја откри Марта Попа и нејзините уметнички дела изработени од стакло.

Еден топол летен ден, за прв пат влегов во нејзиното атеље за да ја договориме соработката со URMA и останав без зборови. Навистина ми е многу жал што не можам да ви го пренесам моето воодушевување за нејзините изработки. Кога дојде време да ја направиме селекцијата на парчиња кои ќе можат да се купат во URMA ни требаше два дена да одлучиме што највеќе ни се допаѓа и ни беше многу тешко да се решиме зошто ги сакавме сите! За овој разговор искористивме прилика уште еднаш за ѕирнеме во атељето на Марта и да поуживаме во нејзините дела 😊

Марта, најпрво да ти кажеме дека сѐ што сме виделе изработено од тебе во твоето атеље ни се допаѓа! Дали може да ни кажеш во кој дел од животот сфати дека сакаш да твориш со стакло и дека тоа ќе стане твојата животна професија ?

Благодарам многу за убавите зборови. Јас имам завршено Факултет за ликовни уметности – Графика со графички дизајн и работев во маркетинг агенција неколку години. Стаклото го работев како хоби во моето студио се до 2007 година кога решив тоа да биде моја главна професија и тогаш ја формирав М Арт Галери, како дел од еден мој голем сон.

Едно стандардно прашање: Од каде ја црпиш инспирацијата за твоите дела ?

Уметниците проживувањето на животот го изразуваат во своето дело. Ќе звучи клише но навистина инспирација можам да пронајдам насекаде околу мене, а креативноста сведочи за мојата најдлабока интима, зборува за скриеното, за вистинското, длабокото и лично ја раскажува мојата приказна.

Во нашата продавница може да се најде мала селекција од твојот накит и украсни чинии, но во твоето атеље имаш и други дела како ламби, скулптури, слики, итн. Што сакаш најмногу да изработуваш ?

M: Не би можела да направам таква селекција, се зависи од моментот кога ќе влезам во моето студио, тогаш решавам што ќе работам. Можеби би го одвоила накитот затоа што неговата изработка најмногу ме опушта , секое парче го креирам како за мене и во него има една  огромна приказна. Најверојатно токму поради таа љубов и енергија преточена во парчињата  М Арт Галери стана препознатлив бренд за накит.

Дали можеш накратко да го објасниш процесот на создавање на едно дело ?

Сите дела се изработени од високо квалитетно Италијанско стакло. Секое парче рачно се сече и потоа  се пече 8 часа на 800 степени за да го добие обликот кој сум го креирала. Секоја креација е уникатна и неповторлива.

Доколку не се занимаваше со ова, што ќе беше твојата професија ?

Уметник, засекогаш.

Кое е твоето најдраго дело ?

Мое дело не би можела да издвојам, но можам да кажам дека имам омилено заедничко дело  создадено со мојата ќерка . Тоа е скулптура на мачка од раскошен свет на бои , весела и прекрасна, неа љубоморно ја чувам во центарот на моето студио.

Како ги балансираш обврските помеѓу мајчинството и работата?

Привилегија на мојата професија е што јас моите деца ги уживам 24 часа во денот, немам одредено работно време па и кога работам тие може да се до мене во дел од процесот.

Еден твој ден изгледа …

Моите дневни обврски се претежно околу децата, нив ги ускладувам  со оние клиенти кои сакаат да дојдат во моето студио во текот на денот. Креативниот процес започнува навечер до касните вечерни часови.

Што би им кажала на младите уметнички души ?

Уметноста е сила, слобода и прогрес. Таа наоѓа пат низ предизвиците, а блеска кога се широки хоризонтите. Ако се креира со чиста душа и многу љубов успехот е неизбежен.

SHOP M ART GALLERY ТУКА

Sирни ги последните објави на URMA блог