Запознајте се со Мартина и Стефанија или Стефанија и Мартина. Како и да напишеме би било исправно. 😊
Овие две девојки се основачи на Kids Hut. Мартина како економист, а Стефанија како архитект одлучуваат да ги „спојат“ своите професии и да ја започнат приказната за најслатките шарени и функционални детски соби. Еден голем плус за оваа приказна е тоа дека тие исто така се пријателки од деца и поради тоа фунционираат многу спонтано.
Раскажете ни како дојдовте до идеја да го основате Kids Hut?
Kids Hut настана низ заедничка дружба, а пред сѐ од желбата да ги направиме собите на нашите деца место каде ќе може да ја развиваат детската фантазија. Повеќето од работите кои сакавме да ги вметнеме во нивните собите ги немаше во Македонија, па решивме сами да смислиме нешто и истото да го реализираме. Од таму произлезе и идејата да ги направиме истите работи достапни и за други дечиња.
Секое дете заслужува удобен дом, но и потреба од стимулација за правилен раст и развој. Детските соби се место каде дечињата поминуваат голем дел од времето, место каде се создаваат спомените од детството, но и место каде учат и се развиваат. Токму поради тоа визијата на Kids Hut е да создаде парчиња за нивните соби кои покрај дизајнерски и естетски допир, преку игра ќе стимулираат физички и ментален развој.
Кои се најдобрите работи за водењето на еден бизнис каков што е Kids Hut?
Можноста креативно да се изразиме, да создадеме нешто свое на кое сме горди. Задоволството на клиентите, а во нашиот случај тоа се родителите и дечињата, е многу голема мотивација за нас. Многу често знаеме да изработиме и нешто по порачка од родител кој знае што е најдобро за неговото дете, а нема каде да го купи и можноста тоа да им го овозможиме за нас е многу големо задоволство.
Што ве инспирира да ги создавате дизајните на мебелот ?
Нашиот мебел и играчки не се само дизајнерски парчиња. Тоа што ни е важно е секое парче да потикнува развој на дечињата на одредено ниво. Покрај првичната фунцијата, нашите производи инспирираат и когнитивни, моторни, социјални вештини. Примарна испирација ни се потребите на дечињата. Секојдневно низ нашето работење собираме информации за што е барано од нив и нивните родители и како предмет и како алатка за раст и развој.
Од круцијално значење е и следењето на трендовите во светот. Имаме соработка со неколку странски организации од кои добиваме информации за што е актуелно во светот во однос на детски играчки и мебел. Истражуваме секојдневно кои предмети какви вештини потикнуваат и кои нови производи да ги воведеме.
Дали имате убави спомени од детските соби од вашето детство и дали ви послужија како мотивација и решение за некои од дизајните кои сега ги креирате ?
М: Мојата мајка е архитект и најверојатно од неа ми е љубовта кон убав ентериер. Како дете таа ја имаше направено мојата соба да биде и естетски убава и фунционална, а јас обожував во неа да поминувам време сама и со другарките. Баш затоа и знам колкаво значење има тоа мало катче кое тогаш претставува еден цел свет.
С: Моите родители ми имаа направено соба која беше убава, но и сама смислував елементи кои ми беа потребни, па уште од тогаш се гледаше дека најверојатно ќе се занимавам со дизајн.
Кој е вашиот омилен производ од Kids Hut?
Многу тешко прашање бидејќи секој производ ни е особено драг, но доколку мора да издвоиме би ги издвоиле вака:
С: Баланс даската. Докажано алатка која низ игра придонесува за развивање на менталниот и физичкиот развој на децата. Бенефитите од користење на истата се очигледни за оние кои ја поседуваат. Јас секојдневно ги гледам истите со моите деца, кои како растат смислуваат нови игри со баланс даската, буквално како да растат со неа.
М: Монтесори столчето-скала. Покрај тоа што секојдневно го користам со мојот син, мислам дека е од огромна помош за родителите, но и придонесува за развој на дечињата. Многу е важно да ги вклучуваме дечињата во нашите секојдневни активности, да им даваме одговорности и да ги учиме да бидат самостојни. Со столчето-скала дечињата имаат баш таква можност да бидат повеќе вклучени во нашите активности, а и да можат да извршуваат многу работи самостојно.
Покрај тоа што сте дел од успешна бизнис приказна, двете сте мајки. Како ги балансирате обврските околку мајчинството и работата ?
Потребен е значителен баланс помегу фамилијата и работата, но со упорност и истрајност успеваме да постигнеме. Двете сме посветени мајки, секако децата и фамилијата ни се на прво место, но успешно успеаваме да ги завршиме и тековните обврски во Kids Hut. Многу често знаеме да завршуваме некои обврски со дечињата до нас. Сепак нашата работа е во осмислување на мебелот и надзор за истиот беспрекорно да се реализира, но сме благодарни што позади нас стои одличен тим на квалитетни мајстори кои ги изработуваат производите до перфекција.
Што би им кажале на сите они кои имаат идеа да започнат со свои бизниси, но сѐ уште не се решиле да го направат првиот чекор?
Да не се плашат да се обидат, бидејќи без да пробаат не можат да успеат. Дури и да не успеат од прв пат, да не се откажуваат бидејки доколку имаат идеја и љубов кон тоа што го прават, ќе успеат. Посебно нѐ радува тоа што се повеќе жени и мајки се решаваат да започнат нешто свое и ние како Kids Hut ги подржуваме и охрабруваме.