Сочни доматчиња, ароматично масло, крцкав леб и бурата

Запознајте ја Надежда Шодан, или како што ние сакаме да ја наречеме нашиот food guru. Нане ја знаеме поодамна и секогаш ја памтиме по смирената и добра енергија. Дипломирана новинарка вљубена во храна, со огромно трпение и посветеност во сите рецепти кои ги припрема. На наше големо задоволство, Нане ќе нѐ пушти да ѕирнеме во нејзината кујна и да уживаме во нејзините рецепти.

Има ли нешто подобро од бурата? Уникатно, кремасто, експлозивно сирење, кое ако го спремите на овој начин, ќе ви стане омилено.

Сочни, лепливи доматчиња, ароматично масло, крцкав леб и бурата

Потребно е:

  • 200-250 грама шери доматчиња
  • 2-3 чешниња лук
  • Врзоп босилек
  • Лимон
  • Екстра девствено маслиново масло
  • Балсамико оцет
  • Тостирани пињоли
  • Бурата
  • Багет леб

Загрејте ја рерната на 180 со фен. Доматчињата измешајте ги со лукчето, лажица маслиново, сол и бибер и ставете ги во рерна 45 минути. Последните 5 минути прелијте ги со лажица балсамико оцет.

Во меѓувреме, направете го маслото од босилек, со тоа што ливчињата босилек, кора од 1 лимон, сок од половина лимон и 5-6 лажици маслиново ќе ги изблендирате со рачен блендер.

Послужете во длабока чинија, прво од доматите, врз нив буратата, која ќе ја зачините со малку сол, црн бибер, ароматично масло, тостирани пињоли и уште некое ливче босилек.

Добар апетит!

Сакате да видите видео од рецептот? Ве чекаме на нашиот Instagram профил: @urmaconceptstore 🤗

Sирни ги последните објави на URMA блог