За денот на вљубените, сакам да ве потсетам на едно нешто…
Денот на вљубените секоја година станува поголем тренд, па така и кај нас веќе не е чудно на овој ден заљубените парови да појдат на вечера и да си разменат подароци. Нема ништо лошо во тоа, напротив, сите денови во кои се прославува љубовта, среќата, почитта, треба да се вреднуваат. Секако, вредностите кои овие денови ги симболизираат треба да се прославуваат во текот на целата година, но тоа веќе сите го знаеме и овој текст не е посветен на таа тема.
Сакам да зборуваме за нешто друго. Не знам зошто, но многу често забележувам како ние луѓето навистина малку внимание си обрнуваме себеси и кога зборувам за внимание, не мислам за грижа на себе во секојдневна смисла, туку грижа за сопствената душа и негување на сопствениот мир.
На пример, на прашањето „Што правиш за себеси?“, најверојатно честопати ќе се најде одговорот дека се негуваме, се храниме здраво, спортуваме и така натака. Сето тоа е убаво и добро за нас, но сепак љубовта кон себе е многу повеќе од грижење за физичкиот изглед. Несомнено е тоа дека сите овие активности придонесуваат и за нашето ментално здравје, но сепак, разговорот со себеси и соочување со сопствените стравови и мисли треба да се случи полека и на еден суптилен и вистински начин.
Брзото темпо на живот ни налага многу првавила и сведочам дека полека се претвораме во роботи, роботи кои трчаат на работа, оставаат деца во градинка или училиште, носат здрав оброк со себеси во чанта, пијат доволно вода, вежбаат и тренираат и прават уште многу такви слични активности, кои генерално му се препишуваат на модерниот човек кој се труди да живее максимално и да биде добар кон себеси.
Но што е со мислите? Со што ја храниме нашата душа? Откако ќе заврши целиот маратон во текот на денот, на какви мисли и енергија се враќаме? Тука се кријат сите наши одговори и тука ќе ги најдеме сите пречки кои упорно не успеваме да ги лоцираме.
Знам дека звучи чудно, но верувајте дека многу луѓе кои однадвор изгледаат како да имаат совршена навигација за сите нешта, всушност се најмногу загубени. Тоа е поради тоа што луѓето мислат дека вистината се состои во тоа како другите нѐ доживуваат, но во суштина, најважно е како се доживуваме себеси. Голема лага е дека било кој аплауз или признание допринесува да исчезне чувството на незадоволство, напротив, така само уште повеќе талкаме по она што упорно не успеваме да го пронајдеме.
Сега би сакала искрено да одговорите на следното прашање „Какво мислење имате вие за себеси?“
Кога добро ќе размислите, ќе воочите дека сите ваши несигурности потекнуваат од ова прашање и дека сето она кое мислите дека другите ви го прават, вие сте си го направиле први. Многу е тешко да се соочиме самите со себеси, но таму се крие сржта на сето она што е за нас важно.
Сакам да ве потсетам на некои работи за кои знам дека веќе ги знаете, но ќе се изненадите колку често човек заборава, особено кога така му полесно.
Секоја љубов која ја давате на друг, почнуваа и завршува со љубовта која си ја давате себеси.
Со какви бои ја боите вашата душа, со такви бои и другите ќе ви го обојат вашиот живот.
Вие сте вашето најголемо решение и вашиот најголем проблем.
Она со што ја храните вашата душа има директно влијание на односот кој го добивате од другите.
И да се разбереме, не зборуваме за самобендисаност, туку за вистинско пријателство со себеси, а тоа подразбира искрен разговор, воочување на грешките, работа на себеси и подобрување.
Од најдобриот пријател очекуваме да ни ја каже вистината, од партнерот очекуваме да нѐ сака и почитува, а забораваме дека за тоа сето тоа да биде возможно, прво ние треба истиот третман да си го дадеме себеси.
Време е да поработиме на енергијата која живее во нас, време е да поработиме на нашите мисли и на нашите верувања, време е конечно да сфатиме дека кормилото отсекогаш било во нашите раце, само се плашиме да го преземеме, затоа што истото симболизира одговорност.
И тука некаде, откако ќе го преземеме тоа кормило во наши раце, во водата што ќе се бранува до нас додека пловиме, одеднаш ќе шлапне и првата заблуда, а таа е дека некој друг има за задача да нѐ направи среќни и дека во тоа се состои љубовта.
Среќата извира од нас самите, за жал, не сите успеваме да ја пронајдеме во себеси, бидејќи сепак, тоа е процес кој знае да биде непријатен, но неверојатно корисен и потребен.
А љубовта?
Љубовта, драги мои, не е ништо друго освен една реченица „Сакам со тебе да ја поделам својата среќа.“
Што ќе ѝ сервирате на љубовта, таа истото ќе ви го сервира двојно.
Ваша,
Ксенија
Ксенија Николова е автор на 6 книги и текстописец. Нејзините дела се изнадени на македонски, англиски, руски и бугарски. Во 2022 година таа ја основаше дигиталната платформа Better Women Better World посветена на жените и подобрување на нивните животи.