Овој летен рецепт, Нане ни го приготви уште на пoчетокот на летото ама поради сплет на околности и мнооогууу други неиспланирани обврски не успеавме да го објавиме. Денеска, после 15 дена поминати на планина каде што сум заглавена во кујна и навистина немам веќе инспирација што да се јаде, ми текна на овој рецепт, дека може да се зготви баш денес 😊 Секако, ги немам сите намирници во фриз па ќе морам да смислам нешто друго ама можеби на некој од вас ќе ви се допадне како идеја за денешниот ручек/вечера 😊 Лесен за спремање, супер healthy варијанта, одлична за после празничен продолжен викенд.
П.С – Нане во моментов е на море, црпи инспирација за нови есенски рецепети <3
Еве и краток рецепт :
Зелени такоси со зеленчук
За тортиљите потребно:
2 шаки бејби или обичен спанаќ
2 шољи брашно
Мала лажичка прашок за пециво
Мала лажичка сол
2 лажици маслиново
3/4 шоља топла вода
Состојки за намазот:
2-3 зелени пиперки
Авокадо
Кромид
Зелен лимон
Останати состојки:
Среден карфиол
Маслиново и зачини
Конзерва грав
Закиселена зелка
Тортиљите се прават на тој начин што, со рачен блендер се меша спанаќот со топлата вода. Во длабок сад се става брашното, пецивото и солта. Се мешаат, па се додава маслиновото и водата со спанаќот. Се замесува тесто, кое потоа се остава половина час да одмори покриено.
Во меѓувреме се печат пиперките и кромидот, па се ставаат во сецко со половина зелен лимон, цело авокадо и сол. Подготвениот сос се трга на страна.
Карфиолот се сецка на мали цветови. Во длабок сад се мешаат со маслиново, сол, кумин, кајен, црвена пиперка, лук во прав и бибер и се печат на 200 околу 20-30 минути.
Тестото за тортиљи се дели на 10 еднакви дела. Секој се расукува во кружна форма, колку потенко може и се пече на загреано суво тавче, по неколку минути од двете страни.
Тортиљите се послужуваат со намазот, грав, карфиол, закиселена зелка и зелен лимон од страна.